Општина Аеродром ќе донира 30 илјади денари во Женскиот фонд за жртви на насилство

 Општина Аеродром ќе донира 30 илјади денари во Женскиот фонд наменет за жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина.

Акцијата за собирање средства е организирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на ниво на целата држава по повод Денот на жената – 8-ми Март, кој во себе носи своја симболика и е синоним за борбата за правата на жените.

Главната цел на оваа акција е да го сврти вниманието кон семејното насилство и да ја поткрене јавната свест за ова прашање. Првичната помош вклучува храна, облека и медицинска документација за жените кои ги напуштаат насилните средини. Меѓу другото за нив се обезбедуваат извештаи од специјалисти и помош за ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош.

Општината во месец февруари потпиша Меморандуми за соработка со Телото на Обединети нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women) и со Националниот совет за родова рамноправност. Целта на оваа соработка е да изградиме општина со еднакви можности за сите, со фокус на родовата еднаквост, како и родовото одговорно буџетирање.

 

8.3.2018

Општина Аеродром