Се формира координативно тело за борба против загадувањето

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, вчера оствари средба со заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и експерти од областа на заштита на животната средина и енергетска ефикасност.

На средбата се договори формирање координативно тело за борба против загадувањето, во кое би учествувале сите скопски општини, Град Скопје и  Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање. Исто така, се дискутираше за потенцијални мерки, кои би се реализирале на краток и подолг рок.

Потребата од интегриран пристап и координирани активности за борба против загадувањето беше и еден од предлозите по средбата со граѓанскиот сектор, и е очигледна за сите засегнати институции.

Соработката почнува во рамките на проектот „Пријави загадувач“, со цел да се опфатат сите правни субјекти, за кои се надлежни различни институции. Конкретно, Општина Аеродром е надлежна за правните субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина, за правни субјекти со Б интегрирана дозвола е надлежен Град Скопје, а за индустриски капацитети/производни погони кои  поседуваат А-интегрирана дозвола е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање.

Се надеваме дека Координативното тело ќе овозможи ефикасни и навремени интервенции за сите правни субјекти и дека преку оваа соработка ќе успееме да воспоставиме и интегрирана база на загадувачи, кои сите служби ќе можат редовно да ги следат и регулираат.

Како мерка против загадувањето Општина Аеродром воведе двосменско работење на комуналнте инспектори, кои се достапни секој ден од 08:30 до 22:00, на телефонскиот број ‎075 316 515.

 

15.12.2017

Општина Аеродром