Во ООУ „Љубен Лапе“ засадено „Дрво на генерацијата“

Денеска во ООУ „Љубен Лапе“ беше организирана акција за засадување на „Дрво на генерацијата“, по повод Светскиот ден на детето, 20 ноември, на која присуствуваа градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и директорот на ЈП „Македонски шуми“, Зоран Ѓорѓиев.

Дрвото од видот смрека го насадија првооделенците во дворот на ООУ „Љубен Лапе“, а целта на оваа акција е кај децата уште од најмала возраст да се развие еколошката свест и грижа за здрава животна средина.

Децата ќе имаат голема улога во растењето на дрвото, кое исто така ќе ги потсетува на нивното растење, со што ќе се развива постојана грижа за дрвцето, како полевање и одржување.

Исто така, во дворовите на сите основни училишта на територијата на општината ќе се засади по едно „Дрво на генерацијата“, со што ќе се поттикне свеста кај најмладите за важноста на дрвјата во нивното опкружување, со кое за возврат добиваат чист воздух и здрава животна средина.

 

20.11.2017

Општина Аеродром