Заврши Меѓународниот фестивал на комедијата во Општина Аеродром

„АНАЛФАБЕТ“ ПОБЕДНИК НА „ГОЛА МЕСЕЧИНА“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, ги додели наградите на победниците вчера, 26.6.2017 година, на свеченото затворање на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, која се одржа под отворено небо на сцена поставена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“.

Наградата Гран при за најдобра претстава  ја доби „Аналфабет“ на Театарот при НУЦК „Григор Прличев“ од Охрид, за извонредната хомогена игра на сите учесници, а посебно на тројката - Горан Стојаноски, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. Според текстот „Аналфабет“ на Бранислав Нушиќ, претставата ги отвора сите актуелни теми, односно „ликови на власта“, на човекот на кој кога ќе му дадеш функција ќе ја видиш неговата изопаченост.

За најдобар режисер е прогласен Срѓан Јаниќијевиќ за претставата „Силјан штркот шанца“ на Македонскиот народен театар, од Скопје. Врз текстот на Дејан Дуковски, Јанаќијевиќ гради концепт на исклучително модерен истражувачки процес во сите сегменти на актуелноста на вечната тема - колку и дали забораваме да бидеме и деца, да играме и да танцуваме.

Наградата за најдобра машка улога ја доби Михаил С`рвански за ликот на Блант во претставата „Лажговци во неволја“ на Театарот на сатира „Алеко Константинов“ од Софија, Бугарија, за возбудливата игра во текот на целото дејствие, при што остава траен белег на врвно актерско остварување.

За најдобра женка улога награда доби Слаѓана Зрниќ за ликот на Гина во претставата „Нажалена фамилија“ на Народниот театар од Република Српска, Бања Лука, Босна и Херцеговина за беспрекорното владеење со атмосферата на одличниот концепт на режисерот Никола Пејаковиќ.

Изборот на победниците од седумте претстави што се одржаа од 19-ти до 26-ти во рамки на фестивалот го направи тричлена жири-комисија во состав Лилјана Мазова, како претседател и Павле Пекиќ од Србија и Петре Темелковски како членови.

Претставите ги изгледаа речиси 10.000 гледачи.

 

27.6.2017

Општина Аеродром