Од 19-ти до 26-ти јуни по четврти пат во Општина Аеродром

МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ НА КОМЕДИЈАТА „ГОЛА МЕСЕЧИНА“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на денешната, 15.6.2017 година, прес-конференција ја информираше јавноста за одржувањето на четвртиот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Општина Аеродром, како што изјави градоначалникот Коневски, издвои средства од својот Буџет за овој меѓународен фестивал со цел да го збогати културниот живот во општината и да ги развесели и разведри граѓаните. Тој додаде дека огромниот интерес на граѓаните за досегашните претстави беше сигурен знак дека фестивалот треба да продолжи, а тој полека прераснува и во традиција.

Директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, пак, изјави дека задоволството ќе биде огромно доколку изборот на претставите и овојпат го погоди вкусот на публиката и како и до сега на 30-тината претстави што се одиграни на „Гола месечина“ со над 40.000 публика.

Таа нагласи дека фестивалот има натпреварувачки карактер и дека тричлена жири-комисија ќе додели награди за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и најдобра претстава.

Инаку, седумте претстави од Македонија и странство ќе се играат од 19-ти до 26-ти јуни, со почеток од 21:00 часот, на отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“, а влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.

Фестивалот се отвора со претставата ЛАЖГОВЦИ ВО НЕВОЛЈА на Сатиричниот театар од Софија, а завршува со претставата ПРИКАЗНИТЕ НА ЗАБОРАВЕНИТЕ ПРЕДЦИ. Во рамки на фестивалот на истата сцена ќе се организира и бесплатен зумба час на отворено.

Ова е резултат на успешно спроведениот проект културно лето „Аеродром се смее“ во 2013 година што наиде на одличен одѕив кај публиката кога за претставите се бараше столче повеќе.

 

15.6.2017

Општина Аеродром