ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ЦРТЕЖИ ОД ЛИКОВНИОТ КОНКУРС НА ТЕМА „ЈА САКАМ ЕВРОПА“

Денеска, 25.4.2017 година, во ТЦ „Капитол мол“ се одржа ликовен хепенинг на кој децата од детските градинки и учениците од основните училишта цртаа на тема: „Ја сакам Европа“, во организација на Општина Аеродром, Европското движење во Република Македонија и Европската делегација во Република Македонија по повод прославата на 9-ти Мај, Денот на Европа.

На крајот од настанот наградите ги доделија шефот на Мисијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и претседателката на Европското движење во Република Македонија, Милева Ѓуровска.

За најдобра ликовна творба во категоријата од предучилишна возраст е избран цртежот на ИВА МИНОВА од градинката „Срничка“ објект „Црвенкапа“.

Во категоријата од одделенска настава за најдобар е избран цртежот на ФИЛИП КОСТАДИНОСКИ од Vв од ООУ „Димитар Македонски“.

Осмоодделенката МОНИКА СТОЈКОВСКА од VIII2 од ООУ „Браќа Миладиновци“ е избрана за најдобра во категоријата од предметна настава.

Цртежите од ликовниот конкурс, како и наградените творби, ќе бидат изложени во трговскиот центар „Капитол мол“ до 9 мај.

Целта на оваа манифестација е не само да се развие детската уметничка креативност и инвентивност, туку и младата популација од Општина Аеродром да се приближи кон европските вредности.

 

25.4.2017

Општина Аеродром