Градоначалникот Коневски во посета на Лондон

ЌЕ СЕ ПРОШИРУВА РАЗМЕНАТА НА УЧЕНИЦИ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на 20.3.2017 година, во Лондон, во просториите на Општина Вандсворт, беше примен од градоначалникот Ричард Филд.

Целта на посетата на градоначалникот Коневски беше зацврстување и проширување на соработката меѓу општините Аеродром и Вандсворт.

Општина Аеродром и Општина Вандсворт, која е дел од централен Лондон, со население од 320.000, веќе неколку години имаат воспоставено одлична соработка, која резултираше со возвратни посети на ученички од основните училишта од двете општини.

Најдобрите полуматурантки од сите основни училишта на територијата на Општина Аеродром, во два наврати (во 2015 и 2016 година) беа еднонеделни гости на Женското основно училиште „Брнтвуд“ во Вандсворт, а 15 ученички од ова училиште минатата година престојуваа во Скопје, каде, како и нашите ученички во Лондон, беа сместени во семејства.

Градоначалниците Коневски и Филд со задоволство ја констатираа досегашната успешна  соработка и ја потенцираа желбата таа да се прошири.

На средбата беше спомената идејата за размена на ученици од Машкото основно училиште во Вандсворт со своите врсници од Општина Аеродром, под истите услови под кои и досега се организираа посетите.     Двајцата градоначалници со задоволство истакнаа дека размената на ученици преставува одлична можност за меѓусебно подобро запознавање и е инвестиција во долгорочните македонско-британски односи.

Градоначалникот Коневски го запозна својот колега со главните карактеристики на Општината со која раководи и го покани градоначалникот Филд да ја посети Општина Аеродром, како дел од идната група ученици што ќе допатува во Скопје.

      Градоначалникот Коневски, на средбата беше придружуван од Вршителот на должност во Амбасадата на Република Македонија во Лондон, Јасмин Ќахил, а градоначалникот Филд од тројца советници во 60-члениот Совет на Општината.

 

21.3.2017

Општина Аеродром