НОВО УЧИЛИШТЕ ВО НАСЕЛБА ЛИСИЧЕ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на денешната, 8.2.2017 година, прес-конференција ја информираа јавноста дека е објавен тендер за изградба на целосно нов објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче.

„Димитар Македонски“ е едно од првоотворените најстари училишта во Општина Аеродром и е сместено во монтажен објект подигнат уште во далечната 1964 година, по земјотресот во Скопје. Денес, училиштето брои околу 600 ученици.

Затоа, како што изјави градоначалникот Коневски, изградбата на нов објект на местото на ова училиште е од витално значење за основците од населбата Лисиче, кои по неколку децении ќе добијат училиште од цврста градба што ќе ги задоволи сите неопходни услови за современа и непречена настава.

Заменик-министерот Ристовски, пак, рече дека се очекува училиштето да почне да се гради во текот на мај годинава.

Инаку, објектот ќе биде со површина од 2.840 квадратни метри, за 700 ученици, односно по 350 во една смена. Од денот кога ќе почнат активностите, работите се очекува да бидат завршени за 1 година што значи, од септември 2018 година учениците ќе посетуваат настава во нов објект.

Вредноста на инвестицијата е 1,2 милиони евра.

Ова е второ новото училиште во Општина Аеродром, по изградбата на ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар пред три години.

 

8.2.2017        

Општина Аеродром