ПОКАНА ЗА 21-ВА МИЧУРИНСКА СРЕДБА

Општина Аеродром и годинава ќе ја поддржи традиционалната Мичуринска средба, што ја организира Здружението на граѓани „Мичуринска средба“, а која годинава ќе се одржи по 21-ви пат.

Централната манифестација е закажана за петок, 13.1.2017 година, во 19:00 часот, на платото во паркот во населбата Мичурин.

Во рамки на прославата на големиот православен празник „Свети Василиј“, меѓу народот познат како Стара нова година, ќе се одржи богата музичка програма и неизбежното кршење на традиционалната погача со златна паричка и избор на нов кум на средбата.

За цело време на манифестацијата ќе се послужува топол чај, сокови, греена ракија и сендвичи, а крајот ќе биде означен со голем огномет.

Во рамките на овогодишната Мичуринска средба е предвидена и детска програма, која ќе почне од 17:00 часот, додека во одбележувањето на празникот Василица ќе се придружи и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, како минатогодишен кум, кој треба да го предаде кумството.

 

10.1.2017

Општина Аеродром