Почна голема еко-акција за собирање стара електроника и електрика

ИСЧИСТЕТЕ ГИ ДОМОВИТЕ ОД ОПАСНИОТ ОТПАД!

Општина Аеродром во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“, во саботата, 26.11.2016 година, почна голема еко-акција за собирање електронски и електричен отпад, која ќе продолжи да се одржува секоја наредна сабота во различна урбана заедница.

Првиот ден од акцијата почна во Урбаната заедница „Стар Аеродром“, каде граѓаните се ослободија од старите електрични и електронски апарати од домаќинствата.

Под електронски отпад се подразбира статични и лаптоп компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници, слушалки, домашни телефони и мобилни телефони, МП3 плеери, монитори, телевизори, дигитални камери и видео-камери, принтери, скенери, факс-машини и стерео системи, додека под електричен отпад се подразбира шпорети, машини за перење облека и садови, греалки и грејни тела, микробранова печка, машина за правење леб, апарат за кафе, други апарати од домаќинство, како и клима-уреди.

Акцијата продолжува наредната сабота, 3.12.2016 година, во урбаните заедници „Бисер“ и „Јане Сандански“ од 10:00 до 12:00 часот кај параклисот „Св. Петка“ (на булеварот „Србија“), спроти паркот „Јане Сандански“, така што граѓаните кои живеат во близина на оваа локација може да донесат стари електрични и електронски апарати од домаќинствата, од кои сакаат да се ослободат.

 

28.11.2016     

Општина Аеродром