МУЗИКАТА НА ТОШЕ ПРОЕСКИ ЌЕ СЕ СЛУША НА ИСТОИМЕНАТА УЛИЦА ВО НОВО ЛИСИЧЕ

Песните на македонската музичка икона, Тоше Проески, ќе се слушаат секој ден од 10:00 до 22:00 часот на улицата што го носи неговото име во населбата Ново Лисиче.

Системот за озвучување, што ќе биде поставен по должина на улицата, е подарок од Здружението на Власи стопанственици на Македонија „Мандра“ за жителите на Општина Аеродром.

Имено, Советот на Општина Аеродром на последната 57-ма седница што се одржа на 4.11.2016 година донесе одлука системот за озвучување да добива струја од истото место од каде што струја добива осветлувањето на фонтаната „Тоше Проески“, како дополнување на согласноста за целиот проект, која беше изгласана во јуни, годинава.

Јачината на звукот што ќе се емитува ќе биде прилагодена во рамките на граничните вредности на ниво на бучавата, утврдени согласно важечките законски прописи.

За поставување на системот за озвучување и емитување на музиката на Тоше, Здружението доби согласност од станарите на станбените згради кои гравитираат по должина на детската улица „Тоше Проески“.

Исто така, поставувањето на опремата, натамошното одржување, како и сите потребни активности, ќе бидат финансирани и изведени од Здружението на Власи.

 

7.11.2016

Општина Аеродром

 

Актуелно

img
img img

Видео