СО ПРЕТСТАВАТА „АВТОБУСОТ“ ОД СОФИЈА ВЧЕРА ПОЧНА МЕЃУНАРОДНИОТ ФЕСТИВАЛ НА КОМЕДИЈАТА „ГОЛА МЕСЕЧИНА“

На отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“ пред околу 1.000 гледачи вчера, 20.6.2016 година, со претставата „Автобусот“ од Станислав Стратиев во режија на Здравко Митков во продукција на Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија, Република Бугарија почна третиот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Претставата со која се отвори фестивалот, всушност, е приказна во која неколку патници патуваат во градски автобус, кој одеднаш скршнува од својата рута. Патниците сфаќаат дека никогаш нема да стигнат на посакуваната дестинација.

Во својот страв, паника и терор тие се претвораат во агресивна маса, која додека монструозната машина јури кон својата пропаст ги отвора прашањата дали правиме што е потребно, дали реагираме точно и навреме на злото и моѓеме ли да стоиме пасивни...

Авторот на „Автобусот“, напишана во 1980 година, Стратиев, е еден од најголемите сатиричари на бугарската драма и литература, а претставата од поставувањето кон крајот на минатата година за само неколку месеци во соседна Бугарија имала 30 изведби.

Во деветте фестивалски дена, поточно до 29-ти јуни, публиката ќе има можност да види вкупно осум претстави од театри од земјава, но и од гостите од Бугарија, Србија и БиХ.

Вечерва на репертоарот е претставата БАЛКАНСКИ ШПИОН ВО САРАЕВО од Душан Ковачевиќ во режија на Сулејман Кусуповиќ во продукција на Народен театар - Сараево, Босна и Херцеговина.

Станува збор за драма, чија праизведба се случила во далечната 1983 година во Вршац, и е една од првите комедии на овој автор, што всушност е приказна во која може да се види сатирична фарса, но и примеси на политичка драма. Двигател на дејството е Сабахудин Чворовиќ, кој ја игра и главната улога. Живее и делува по својот принцип, кој му вели дека сè е спротивно од она што изгледа дека е. Живее со својата сопруга Даница, брат му Буџони, ќерката Сања и Ел Салем Жорж Требо, потстанарот, кој се појавува како балкански шпион и за кого Сабахудин верува дека е опасен за државата и дека е агент кој трага по државни тајни... Драмата се состои од два чина, а дејството се одвива во текот на пет дена во семејната куќа на Чворовиќ.

Сите претстави почнуваат во 21:00 часот, а влезот за граѓаните ќе биде бесплатен.

Меѓународниот фестивал „Гола Месечина“, кој има натпреварувачки карактер, го следи тричлена жири комисија. Ќе се доделуваат четири парични награди и тоа награда за најдобра режија, за најдобра машка и за најдобра женска улога, како и гран при за најдобра претстава. 

Инаку, фестивалот го организира Театар Комедија со финансиска поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура.

 

21.6.2016

Општина Аеродром