НАЈДОБРИТЕ УЧЕНИЦИ ОД ЛОНДОН ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

На покана на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, 11 најдобри ученици од збратимената Општина Вандсворт од Лондон, предводени од двајца наставници, допатуваа во петдневна посета на Општина Аеродром.

Станува збор за размена на ученици од двете општини, која како практика минатата година ја воспостави Општина Аеродром со намера таа да прерасне во традиција.

Учениците од Лондон денеска присуствуваа на наставата во основните училишта во Општина Аеродром, каде имаа можност да се запознаат со своите врсници, како и со нашиот воспитно-образовен систем, со наставните програми и со начинот на одржување на наставата.

Инаку, групата ученици стигна во саботата во Општина Аеродром, каде беа сместени во семејствата на своите соученици. На тој начин имаа можност да дознаат повеќе за обичаите, навиките и начинот на живот во Македонија.

Ова е, всушност, возвратна посета на учениците од Лондон откако минатата година Општина Аеродром ги испрати своите најдобри ученици на настава во училиштето Брнтвуд во Лондон.

Се очекува дека посетата ќе ја зајакне соработката меѓу двете општини и ќе им овозможи размена на искуства и вредности меѓу учениците и стекнување нови другарчиња.

Со цел ваквата практика да прерасне во традиција, Општина Аеродром и во иднина ќе организира посета на најдобрите ученици на Лондон и нивно учество во воспитно-образовниот процес во училиштата на збратимената лондонска општина. Најдобрите ученици од Општина Аеродром се планира да се испратат повторно во Лондон веќе во септември годинава, на самиот старт на новата учебна година.

Амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Герет, кој присуствуваше на средбата, го поздрави проектот на Општина Аеродром за размена на ученици со збратимената лондонска општина.

 

23.5.2016

Општина Аеродром