УШТЕ ЕДНА НОВА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

„Денеска на мое огромно задоволство, а верувам и на задоволство на многу родители, можеме да го најавиме новиот проект на Општина Аеродром за изградба на нова детска градинка, втора по ред оваа година“, изјави на денешната (8.1.2016) прес-конференција градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Новата детска градинка, што тој и заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ја најавија, ќе има капацитет за над 250 дечиња и ќе биде изградена во рамки на клонот „Чекорче“ со средства од Буџетот на Општина Аеродром.

Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.

Објектот ќе содржи 6 големи занимални на приземје и три на катот, што значи вкупно 9 занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли, административен простор и подрумски простории и сето тоа на површина од 1.700 квадратни метри.

Се разбира, детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.

Со изградбата на новата детска градинка, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да се задоволи потребата од поголем капацитет за згрижување на децата, која е реална со оглед на зголемениот број дечиња во Општина Аеродром.

Дека грижата за децата е континуирана зборува и фактот што претходно беше изградена градинката „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, а беа целосно реконструирани и постојните детски градинки, со цел да се овозможат што подобри услови за престој и воспитување на децата од претшколска возраст. Исто така, во 2017 година се очекува изградба на уште еден ваков објект.

 

8.1.2016

Општина Аеродром